Амбасадорската листа со дискутабилни номинации

Оџа за амбасадор на Македонија во Кина. Имамот Џемаил Чупи, поранешен кандидат за градоначелник на Дебар од редовите на БЕСА на листата на амбасадори кои владата ја усвои на 12 декември на предлог на МНР. Освен што е оџа во биографијата на Чупи е наведено дека студирал на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, дека е доктор по политички науки и оти предава на Универзитетот за бизнис и технологија во Приштина.

Сепак и покрај професионалното доусовршување на youtube можат да се најдат снимки од 2014 на кои се гледа како Чупи држи проповеди во Германија. Тој инаку бил дел од медреста Иса Беј во Кондово.

Името на Чупи за амбасадор дошло на предлог на Алтернатива на Африм Гаши од каде за Телма велат дека Чупи е избран зошто е специјализиран во областа на дипломатијата со научно звање магистар на дипломатија, но и оти тековно работел на истражување во областа на меѓународните односи.