Двомесечниот Марин е најмалиот пациент на детската кардиохирургија во „Систина“, каде веќе со пари од фондот се покриваат интервенции на операции кај деца до една година. Освен него, за две недели, тимот на единствениот лиценциран детски кардиохирург во земјава д-р Владимир Чадиковски, поддржан од турски експерти со дведецениско искуство, успешно оперираа уште три бебиња.
-Минатата недела направивме две големи операции на отворено срце, а оваа недела имавме уште две операции на отворено срце. Во екипата има десет лица кои даваат поддршка во Македонија – анестезиолог, хирург, сестра за интензивна нега, перфузионист. Една третина од пациентите кои доаѓаат од раѓање имаат проблеми со срцето. Кај овие пациенти првите три месеци од раѓањето ако не се изврши операција во тој случај 90 отсто од нив умираат. Најтешките операции кои се прават кај новороденчиња се оние со васкуларни проблеми, дупки во срцето, вели професор Д-р Тајар Сариоглу од „Аџибадем Систина“ од Истанбул.