Македонската полиција ги фати – Пресечен канал за шверц на кокаин

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вчера вечер донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против три лица осомничени дека сториле кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

По неколку месечна соработка со Министерството за внатрешни работи и прибрани оперативни информации и сознанија по насока на јавен обвинител, во текот на вчерашниот ден беше спроведена акција  во која тројцата осомничени се лишени од слобода и изведени пред Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје. По предлог на обвинителството на осомничените со решение им е определена мерка притвор во траење од 30 дена.

Според првичните сознанија откако братот на еден од осомничените, кој живее во Швајцарија, набавил наркотична дрога – кокаин од страна на тројцата осомничени бил организиран транспорт на истата до Скопје. Еден од осомничените кон крајот на минатиот месец авионски отпатувал во Швајцарија од каде со возило Сеат Леон во која била сокриена дрогата се упатил кон Македонија. Поради несогласувања со неидентификувано лице, осомничениот го оставил автомобилот на бензинска пумпа во близина на Бујановац, а другите двајца осомничени со друго возило дошле по него. При обид за влез во нашата држава, на граничниот премин Табановце, осомничените биле задржани и при претрес на возилото бил пронајден клучот од паркираното возило.