Нови девет „бомби“ за „Рекет“: „Куферот со парите не е кај Заев. Не треба ништо да дадеме кај Рускоска“

Шесте разговори кои беа објавени во петокот на ново-отворен YouTube канал денеска се дополнети со нови девет „бомби“ на кои се слуша глас кој наликува на сведокот во „Рекет“, Орце Камчев.

 

Во аудио снимките се слуша дека торбата со 1 милион евра не завршила кај Заев, а истиот глас додава дека во неа имало џи-пи-ес.

 

„Добро Боки вистина ги однесе парите таму бе?“

 

„Тоа не смеам да го зборам, тоа е дел од истрага. Има џи-пи-ес, се има. У рачка, у металното. Је*ига“

 

„Му ги дал на него?“

 

„Не знам, куферот не е кај Заев“.

 

Премиерот Заев, досега во судница за „Рекет“ не беше споменат, а на новинарско прашање од ТВ21, Камчев рече дека „Луи Витон“ ташната немала уред за следење.

 

Новинар: Значи ли тоа дека немало џи-пи-ес уред за следење на ташната?

 

Јордан Камчев: Па, што се не се изнаслушавме луѓе, нема врска!

 

Наводниот глас во т.н „бомби“ вели дека тоа што јавноста го видела преку снимките не било се.

 

„Тоа не е се. Ги нема она кога отвора Боки, само го има звукот. 50 се. Само го има звукот. Вика ‘Што е ова 50“, викам, „Капитал, гледаш … бизнисмен’. Јас намерно го знам, го монтирам. ‘Какви се овие банки да немаат 500 во Македонија’ и тоа го збори“, по што повторно следи смеење“.

 

Во објавените разговори истиот глас го споменува и Врховниот суд и извесен Јово. Во аудио записите се споменува и обвинителката Вилма Руковска. Но и за давање на 100 илјади евра на истражител за да даде некакво стикче.

 

„Му пишувам Зоки јави се, не можам во гужва сум, не треба ништо да дадеме кај Вилма, ништо во две деца ти се колнам, мислам дека ова не треба да го дадеме таму. Му пишувам брат го имам во документ, ќе ти го покажам“. „Друже мој, Македонија треба да стане европска држава, правна држава да одиш ти утре да си пријавиш оти и ти ќе одговораш“.

 

„Се знае точно кој ги има сработено. Они кога се уште ретардирани во институции имаат луѓе… Знаеш ти што значи 100 илјади евра да дадеш на истражител, за да ти даде на стикче? 100 илјади евра?“

 

Од обвинителството не соопштуваат детали за истрагата која е отворена по допрен глас.

 

„Во моментов се испитуваат сите околности во врска со идентификација на лицето што ги објавило снимките. Воедно, со постапката треба да се утврди дали во содржината на разговорите и нивното јавно објавување има елементи на кривично дело, кој снимал, како и идентитетот на лицата што разговараат. Откако ќе биде прибран и анализиран доказниот материјал, обвинителството ќе донесе одлука дали и кое лице ќе биде повикано да даде исказ пред обвинител.“, соопштија од Јавното обвинителство.

 

Во првите шест разговори објавени во петокот, се слуша истиот глас и се работи за монолози. Само на една од снимките се слуша друг глас за кој не е окриено за кој станува збор, ниту пак каде се снимани овие разговори.

Извор тв21