Напредокот на Република Северна Македонија во однос на правата на заедниците е резултат на политичката волја, на законските решенија, на демократското зреење на државата, на усвојување на европските стандарди, но, и природен тек на традиционално добриот соживот, меѓусебното почитување и разбирање меѓу нашите граѓани, истакна претседателот Стево Пендаровски на панел-дискусијата на тема „Правата на помалобројните заедници во нашата земја“ во организација на Агенцијата за остварување на правата на заедниците.
Тој порача дека државата мора да посвети повеќе внимание и, пред сè, ресурси за имплементација на правата на заедниците.
-Не смееме да правиме компромиси и импровизации кога станува збор за правото на образование на мајчин јазик, за зачувување на културата и традицијата на сите помали заедници. Верувам дека клучна е правичната застапеност во институциите. Не би сакал да звучам како ништо да не е направено досега на ова поле, затоа што многу работи се направени, туку сакам да поттикнам доследно и до крај да се имплементира правичната застапеност во администрацијата и да важи подеднакво за сите етнички заедници, истакна Пендаровски.