Венецијанска комисија ги повика властите да го преиспитаат Законот за јазиците

0
123

Венецијанската комисија во мислење усвоено денеска, ги повикува властите на Македонија да го преиспитаат Законот за употреба на јазиците преку консултации со сите засегнати страни, јавува дописникот на МИА од Стразбур.

Според соопштението, издадено по денешниот состанок во Венеција, правните експерти на Советот на Европа подвлекуваат дека во споредба со законодавството од 2008 година, новиот закон значително ја проширува употребата на албанскиот јазик и во многу аспекти ги надминува европските стандарди утврдени со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици.

Венецијанската комисија, додека ја поздравува подготвеноста на властите за подобрување на јазичната состојба на заедниците, таа оценува дека во одредени области новиот закон може да оди премногу далеку со наметнување на јавните институции на нереални правни обврски, особено во врска со употребата на албанскиот јазик во судска постапка, придружено со тешки санкции во случај на непочитување и можност за промена на судските решенија, доколку има недостаток на превод и толкување во текот на постапката.