Затемнетите стакла со фолии на возилата не поминуваат на технички преглед, а како прекршок се казнува со 300 евра

0
92

Сакаат затемнети стакла на возилата, па имаат проблем за технички преглед, а воедно ризикуваат казна од 300 евра. За оваа значително зачестена појава и проблем, алармираат од тетовските технички прегледи порачувајќи им на сопствениците да ја избегнувааат практиката да поставуваат фолии за затемнување на стаклата доколку сакаат да го поминат задолжителниот годишен технички преглед за исправноста на возилата. Воедно, со такви фолии, ризикуваат да бидат испратени од полицијата на вонредени технички преглед.

– Оваа сфера е регулирана во Правилникот за технички барања на системи, составните делови, самостојните технички единици, опремата, димензии и вкупната маса на возилата (објавен во Службен весник бр.21 од 12 февруари 2010 година) во член 20 од Правилник за уреди и опрема и нормална каде е потенцирано колкава треба да биде видливоста на стаклата. Видливовста на ветробранското стакло (шофершајбна) треба да биде 75 проценти, а на страничните бочни стакла кај возачот и совозачот видливоста да биде 70 проценти, велат од станицата технички преглед „Автостар плус“ од Тетово.

Оттаму велат дека поради ваквиот „тренд“ имаат чести недоразбирања кога им велат на сопствениците на возилата дека не може во таква состојба возилото да добие одобрение за техничка исправност.