Зголемен број поплаки за мобинг, најмногу во фирми каде што нема синдикат

0
78

Зголемен број претставки за вознемирување на работното место се евидентирани годинава. До канцеларијата на народниот правобранител заклучно со ноември се поднесени 24 претставки, што е трикратно зголемување во споредба со лани, кога имало само осум претставки по оваа основа. Информациите од Основен граѓански суд Скопје до кои дојде МИА покажуваат дека се евидентирани вкупно 12 предмети по оваа основа, од кои три се решени, а останатите се во тек.

Психичкото вознемирување на работното место претставува кршење на основните човекови права загарантирани со највисоките прописи во Република Северна Македонија кои се темелат врз меѓународните стандарди. Тоа е негативна појава на работното место која има последици врз физичкото и менталното здравје на работниците, а истовремено влијае врз семејната хармонија, продуктивноста и квалитетот на работата. Психичкото вознемирување на работното место, како широко распространета негативна појава, бара сериозен пристап од сите институции во државата, со цел да се обезбедат правни и општествени услови и претпоставки за негово намалување и спречување, велат од Сојузот на синдикати, кои беа и иницијатори за донесување на Законот во 2013 година.

До правната служба при ССМ во првата половина од годинава било пристигнато само едно обраќање, кое е решено спогодбено, но она што е специфично е дека евидентираат зголемен број поплаки од работници кои не се членови на синдикатот.