Обвинение за синовите на советникот од МВР кои прободеа момче во дискотека во Марино

0
82

По осум месеци од инцидентот, Обвинителството поднесе обвинение против двајцата синови на советникот од МВР, Ѕвонко Цветковски кои избодеа полицаец во дискотека во скопското село Марино. Едниот се товари за тешка повреда, а неговиот брат за помагање.

Двајцата браќа на возраст од 19 и 20 години, на 23 март го нападнаа Филип Филиповски. Постариот брат првин го нападнал Филиповски пред тоалетот на дискотеката, односно го удрил со бокс. Потоа двајцата браќа го пресретнале Филиповски пред дискотеката, помладиот брат извадил нож и го прободел Филиповски во левиот долен дел на стомакот и му ги повредил бубрегот и слезината. Потоа двајцата избегале со автомобил.

За двајцата обвинети на сила се мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, привремено одземање на патна исправа и забрана за издавање нова, забрана за преминување на државната граница со друг личен документ, обврска повремено да се јавуваат кај определено службено лице, како и забрана за приближување и за воспоставување комуникација со оштетениот и со сведоците на настанот.