Петровска: Без ветинг, ни власта, ни опозицијата не можат понатаму

0
77

Мислам дека се наоѓаме во ситуација во која веќе и на власта и на опозицијата им е јасно дека без ветинг не би можело да се продолжи понатаму, особено сега кога довербата во правосудството опаѓа, вели извршната директорка на Коалицијата „Сите за правично судење“, Натали Петровска во разговор за „Фокус“. Таа смета дека во нашиот контекст при проверка на судиите и обвинителите не би смееле да ги изоставиме и проверките во насока на утврдување релации на носителите на овие функции со политички, партиски и бизнис структури

Најавата за ветинг на судиите и обвинителите во нашиот правосуден систем впрочем и не е нова идеја. За ова се дискутираше и пред три години, но, меѓународната заедница, поучена од искуството на соседна Албанија, во тој временски период не одобруваше чекор во тој правец. Но, имајќи предвид дека ниската доверба на граѓаните во правосудството, воопшто, не е унапредена во изминатиов период, токму напротив, истата е опадната, а сега веќе после актуелните случувања со покренување на обвиненија против носители на јавнообвинителски функции, го има и својот зенит, неопходно е да се пристапи кон еден ваков сложен процес кој несомнено ќе остави белег во македонското правосудство. При тоа, треба да се имапредвид дека се работи за комплексен и обемен процес, кој би траел најмалку 2 до 3 години, би изискувал сериозни политички и професионални заложби и подготвеност од страна на сите засегнати надлежни институции во државава да пристапат кон истиот максимално професионално и совесно, особено имајќи ги предвид досегашните искуства во соседството.