Ристо Лазаров: И нашиот прв плач беше на македонски јазик

0
79

Не стивнуваат домашните реакции по ставот на БАН дека македонскиот јазик е „писмено-регионална норма на бугарскиот јазик”. Реагира јавноста, политичарите, писателите… Со новинарот и реномираниот македонски писател, Ристо Лазаров, разговаравме за атаците врз македонскиот јазик во минатото, но за за нашиот однос кон јазикот денес.

Ве изненади ли фактот дека БАН со ставот за македонскиот јазик практично се врати во времињата на Тодор Живков кога ЦК на БКП (1963 г.)излезе со идентичен став?

Не ме изненади, но не ме остави ни рамнодушен тврдоглавото континуирано чекорење на БАН, а и на бугарскиот политички врв, по повеќедецениските патеки на македонскиот јазик и македонската национална самобитност. Што можеш да очекуваш од луѓе што едно зборуваат, а друго прават. Уште од времето на Тодор Живков трае оваа апсурдна и сосема неоснована приказна. Пред Живков беше Георги Димитров – во негово време во Благоевград работеше Македонски народен театар, со режисерски и актерски кадар од Македонија; постоеја и многу македонски училишта во кои предаваа учители од Македонија; На првиот попис по Втората светска војна над 200.000 жители на Бугарија, претежно од Пиринско, се изјаснуваа како Македонци, за со текот на времето на ,,волшебен начин“ да исчезнат. Со злогласната сталинистичка резолуција на Информбирото односите меѓу двете земји (Југославија и Бугарија) се превртеа наопаку. Останаа во водите на Бледското езеро разговорите меѓу Тито и Димитров за унапредување на односите, до формирање на Балканска федерација. А останаа сеќавањата дека Тито не сакаше да се сретне со Тодор Живков додека Бугарија не ја признае македонската нација и македонскиот јазик.