Се крчка Пржинската влада: Битката за прв полицаец во ВМРО-ДПМНЕ се води меѓу двајца истакнати партиски членови

0
81

Падна ли во сенка Пржинската влада по денешната изјава на премиерот Зоран Заев дека ќе нема избори ако Собранието не ги донесе клучните закони, за зголемување на пензиите и платите. Со ваквата изјава, велат нашите партиски извори во собраниското мнозинство, Заев јасно дал до знаење дека сѐ додека народните избраници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги кочат законите во Собранието, изборите ќе бидат неизвесни. Изјавата на Заев доаѓа по вчерашната собраниска седница на која пратениците на Христијан Мицкоски го кочеа дури и усвојувањето на дневиот ред на 125. собраниска седница на која се наоѓаат клучните закони.

Во СДСМ велат дека партиското расположение за тоа кој ќе биде технички премиер имало за министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Но, не ја исклучуваат и можноста оваа позиција да ѝ припадне на министерката за труд и социјала Мила Царовска. Од друга страна во јавноста речиси и да не се лицитира со имиња кои ВМРО-ДПМНЕ би ги номинирале на овие позиции. Срамежливо, партиски извори неофицијално навестуваат дека за позицијата прв полицаец во Пржинската влада, имало гужва. Наводно изборот бил сведен на две звучни имиња, Орце Ѓорѓиевски и Љупчо Андоновски. 32-годишниот Ѓорѓиевски е дипломиран политиколог, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Кисела Вода и советник во истата општина. 55-годишниот Љупчо Андоновски, по оставката на Сашо Мијалков, беше поставен за директор на Управата за безбедност и контраразузнавање во периодот од мај 2015 до септември 2016 година.