Судски совет го разреши Панчевски но и денеска не избра судии за Апелација – не можеле да се договорат

0
83

Со 9 гласа за и еден против Судскиот совет изгласа да се разреши од судиската функција екс претседателот на Кривичен Владимир Панчевски, дознава Телма од извори во советот. За Панчевски се водеше постапка за нестручно и несовесно работење а од летоска беше и суспендиран од работното место судија за прекршоци во Основниот суд Скопје еден. Тој е обвинет и за злоупотреба на службена положба за распределувањето на предметите преку АКМИС системот, но судењето не е почнато бидејќи неколку пати се одложува.

Оваа одлука е донесена на точка која е затворена за јавност. Судскиот совет денеска повторно го одложи изборот на 6 судии за скопска апелација која кубури со судии поради што важи и за неажурен суд. Седницата каснеше еден час бидејки во кабинетот на претседателот држеа колегиум, но не супеале да се договорат кого да изберат. Претседателот на Судскиот совет признава има проблем во кооринирањето и вели не сака да пропадне огласот па да се распишува нов.

100-тина судии од цела држава конкурирале за скопска апелација, меѓу кои и голем број судии од кривичен кои подолго време водат предмети на СЈО како судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани од предметите „Монструм“, „ТНТ“, „Талир“, „Титаник“ и др.