Владата и понатаму ќе набавува вода во пластика – од безбедносни причини

Тендер за набавка на вода во пластични шишиња беше објавен денеска иако Владата ја прифати иницијативата на Министерството за животна средина за престанок на набавки на пластика за еднократна употреба и пластична амбалажа во државните институции.

Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија денеска (17 јануари) објави оглас за набавка на „минерални води (газирани и негазирани), овошни сокови и ладни чаеви. Во дел од набавката, од службата бараат и 63.000 парчиња „ниско минерална природно изворска вода негазирана во ПЕТ амбалажа и оргинално пакување од 0,330л“. Покрај тоа, се бара понудувач и за 19.200 парчиња „ниско минерална природно изворска вода газирана во ПЕТ амбалажа и оргинално пакување од 0,330л“. Меѓудругото, јавната набавка предвидува и 50 парчиња природно изворска негазирана вода во ПВЦ амбалажа во галони од 19 литри.