ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ блокираат важни закони за граѓаните и за државата, решенијата ќе зависат од изборите

0
34

По сѐ изгледа, за повеќето закони ќе се чекаат изборите и одлуката на граѓаните, кои ќе го кажат последниот збор за тоа дали ќе им дадат поддршка на оние кои ги предлагаат и поддржуваат законските решенија од интерес на правдата, граѓаните и интеграциите или на оние кои веќе имаат јавно објавен став против тие закони.
пишува: АРБЕН ЗЕЌИРИ

Многу важни закони за граѓаните и за евроатлантската иднина за земјава ќе висат сѐ до одржување на изборите, а клучен фактор за нивната судбина ќе биде и изборниот резултат. Поточно, партиите веќе ги искажале своите ставови ЗА (СДСМ) и ПРОТИВ (ВМРО-ДПМНЕ и делумно ДУИ) донесување на истите закони, пренесе Фронтлине.мк

Начинот на блокирање на законите е различен, за некои ВМРО-ДПМНЕ веќе поднесе илјадници амандмани, за некои им помага и ДУИ, исто така, со илјадници амандмани, а за трети го користат недостигот на двотретинското мнозинство.

Законот за АРСМ, клучен за војската и членството во НАТО
ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа гласање на законот за АРСМ. Конкретно, немаат забелешка за содржината, но го оспоруваат уставното име Северна Македонија во текстот на законот.

Овој закон е клучен за работата на припадниците на Армијата и за обезбедување подобри услови за нив, но и за членството на земјата во НАТО, каде што се признава само уставното име Република Северна Македонија.

Блокирањето на Преспанскиот договор и државното име може да ги загрози самото членство на земјава во НАТО во овој клучен момент.

Закони за отпишување на долговите
Два предлог закона се блокирани со илјадници амандмани. Првиот предлог закон предвидува отпишување на каматите од долговите на општините кон институциите. Со вториот се регулира отпишувањето на каматите од долговите на физичките лица до 2017-та.

Со првиот се олеснува работата на локалната власт, а со вториот илјадници граѓани ќе се спасат од извршители и камати.

Закон за поништување на лустрацијата
Законот за поништување на лустрацијата, како и изборниот законик, се уште две важни и долго очекувани законски решенија, кои ВМРО-ДПМНЕ ги саботира, а во тоа директно и отворено им помага и ДУИ.

Со законот за поништување на лустрацијата се предлага поништување и на одлуките и сите правни последици од законот донесен од владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а со кој се предизвикаа големи неправди на многу граѓани. Режимот го претвори овој закон во оружје против неистомислениците.

Неправдата беше констатирана во многу случаи и од нашите судови и од Европскиот Суд за човекови права во Стразбург. Како последица на овој закон многу граѓани претрпеа голема морална и материјална штета и сега сите нив треба државата да ги обештети. Поништувањето на законот од страна на Собранието треба да донесе правда за неправедно лустрираните граѓани, а и отштетата ќе биде помала за разлика од реалната можност и други жртви на лустрацијата да се упатат по судови во земјава и Стразбур по што државата ќе треба да плати и дополнителни трошоци.

Овој закон не успеа да стаса ни до матичната собраниска комисија заради недостиг на кворум, кој се предизвика преку отсуството на членовите на комисијата од ВМРО-ДПМНЕ и од ДУИ. Новинарите можеа да ги видат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ како седат во холот на Собранието и не влегоа во сала, од ДУИ немаше ни трага.

Изборен законик, плурализам и отворени листи
Петнаесет пратеници поднесоа предлог измени на изборниот законик со кои на овие парламентарни избори се предлага да има една изборна единица, а од следните локални, на листите за советници да се гласа со отворени листи. Со второто законско решение, се врши пилот проверка за спроведување на отворените листи и на следните парламентарни избори, доколку се докаже како успешен модел на локалните. ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ против овој закон поднесоа над 10.000 амандмани, а го подржаа СДСМ и коалиционите партнери, како и Алтернатива.

Законот за Јавно Обвинителство, правда и аргумент плус за ЕУ
Законот за Јавно обвинителство кој го предложи Министерството за Правда бара двотретинско мнозинство, а власта дополнително инсистира тој да се донесе со консензус. По неколкуте компромиси од власта, вклучувајќи го и укинувањето на СЈО на кое инсистираше ВМРО-ДПМНЕ, опозицијата пак не го подржува законот.

Последното барање што го поставија од ВМРО-ДПМНЕ е Јавниот Обвинител за борба против организиран криминал и висока корупција да биде избран по предлог на опозицијата. Официјално, тие обвинуваат дека власта сака да држи контрола врз судството, а Министерката за правда обвини дека единствено барање на опозицијата е да се поништат случаите отворени од СЈО за предмети кои потекнуваат од објавените разговори.

Последниот збор го имаат граѓаните, затегнатите!
За сите закони, двата табора имаат различни ставови и решенија, како на долгорочен, така и на краткорочен план. По сѐ изгледа, за повеќето закони ќе се чекаат изборите и одлуката на граѓаните, кои ќе го кажат последниот збор за тоа дали ќе им дадат поддршка на оние кои ги предлагаат и поддржуваат законските решенија од интерес на правдата, граѓаните и интеграциите или на оние кои веќе имаат јавно објавен став против тие закони.

Најважни од сите, за сега во јавноста се ценат законите за Јавно Обвинителство, за АРСМ и за простување на каматите од долговите. Првиот е важен за ЕУ перспективата и за владеење на правото, од интерес на сите граѓани и на државата, вториот, за војниците и за интеграциите, односно членството во НАТО, што значи – за безбедноста на државата. Третиот закон е важен заради фактот што секој месец на граѓаните кои имаат долгови до 2017 година, им расте каматата и неизвесно е дали после изборите ќе треба да ја платат како порасната или ќе им се избрише.