ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се согласија за министер во МВР

Комплетиран составот на новата техничка Влада. Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ Наќе Чулев да биде прв полицаец го прифати и СДСМ. Чулев е поранешен директор на Агенцијата за разузнавање, функција на којашто бил од 2013 до 2017 година. Потоа бил и помошник на директорот. Од СДСМ соопштија дека со овој предлог на ВМРО-ДПМНЕ не се крши Уставот, не станува збор за воено или униформирано лице и не е под обвинение.

„Со тоа се исполнети условите предлогот да оди на гласање во Собранието заедно со целата преодна влада која треба да ги спроведе изборите на 12 април“, рекоа од СДСМ.

Премиер на техничката влада ќе биде Оливер Спасовски, а Мила Царовска ќе го замени Кочо Анѓушев, на местото вицепремиер за економски прашања. ВМРО-ДПМНЕ покрај министер за внатрешни, добива и министер за труд, за оваа позиција е предложена Рашела Мизрахи.

Договорот меѓу власта и опозицијата се постигна само ден пред Собранието утре да гласа за преодната влада која треба да ги спроведе изборите. Претходно и двете партии си упатија обвинувања во врска со претходниот предлог на опозицијата со МВР да раководи полковникот од АРМ, Драган Ковачки.