КОРОНАВИРУСОТ СЕ ПРЕТВОРИ ВО КОШМАР ЗА ХОЛИВУД

Меѓу 1 и 2 милијарди долари е штетата што Холивуд очекува да ја претрпи откако неговиот втор најголем пазар на светот затвори 70.000 киносали како дел од обидите за спречување на коронавирусот.

Додека 2019 американските киноблагајни ја завршија со 11,4 милијарди долари или разочарувачки 4% помали приходи од 2018, радоста на ионака пребогатите студија дојде од остатокот од светот каде постигнаа рекордна заработувачка од 42,5 милијарди долари. Од сите не-американски пари од киноблагајните од Кина доаѓаат 9,2 милијарди долари.

Оваа сума многу објаснува зошто Холивуд изведува невозможни и себепонижувачки егзибиции за да им удоволи на кинеските власти и гледачи, но исто ја објаснува и паниката во која моментално се наоѓа филмската престолнина дека годинава и покрај сите напори веројатно ќе им бидат скратени милијарда до две од крајниот ќар.