Пресметките за новиот данок за автомобили на онлајн калкулатор на Царина

Царинската управа со онлајн калкулатор ќе им помага на граѓаните да пресметаат колку ќе изнесува царината при увоз на автомобил според новиот закон. Со калкулаторот ќе може точно да се пресмета колку ќе изнесува висната на данокот според CO2 односно колку јаглерод диоксид испушта возилото. Од Царината очекуваат со оваа онлајн алатка да се запрат шпекулативните пресметки кои ги довеле во заблуда увозниците и купувачите на автомобили. Новиот данок ги крена на протест и увозниците, кои вчера побараа итно враќање на стариот закон. Од Царината рекоа дека на средбата со нив ги надминале дилемите околу примената на Законот.

„На средбата со увозниците на автомобили беше заклучено дека во делот на начинот на пресметка, сѐ уште во јавноста кружат шпекулативни пресметки, кои во многу случаи ги доведуваат и увозниците и купувачите во заблуда, при што граѓаните се во дилема колку давачки треба да се платат за возилата. Беше предложено да се организира директно презентирање на законските одредби пред увозниците по региони и да се расчистат дилемите со кои се соочуваат во моментот“, велат од Царинската управа.