Статусот во УНЕСКО прашање од врвен приоритет за Охридскиот Регион

Mожноста Охридскиот Регион да биде ставен на листата светски природни и културни богатства во опасност, како прв чекор кон губење на сегашниот статус во УНЕСКО, недвојбено е прашање број еден во Охрид и за Охрид. Оваа година прашањето беше актуелизирано оттаму што беше предмет на дискусија на 43-тата седница на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО одржана во јуни во Баку.

На состанокот во Азербејџан, Охрид за влакно го избегна усвојувањето на Нацрт-резолуцијата и, поточно кажано, деградацијата на статусот во богатство во опасност, со тоа што на државата ѝ беше даден рок до 1 февруари 2020 година да постапи по сите претходни барања на Комитетот за светско наследство, како и со исполнување на препораките на Реактивната мониторинг-мисија од 2017 година.