Во Македонија не долетале патници со коронавирусот

0
85

Термо-камера на скопскиот аеродром веќе четврти ден лови сомнителни патници со покачена телесна температура. Скенерот се уште не регистрирал такви, немало ниту лажна тревога – патник со симптоми на обичен грип. Дежурната екипа на Центарот за јавно здравје денес ги пречека патниците со летот од Дубаи, а освен оваа дестинација, се проверуваат и оние кои летаат од аеродромот во Истанбул. Досега немало патник од Кина кој сменил неколку аеродроми пред да слета на скопскиот аеродром. Засега термо-камери се превентивна мерка само на аеродром, нема потреба од нив и на граничните премини тврди министерот за здравство.

Критичните бројки на светско ниво постојано растат. Најмногу заразени има онаму од каде што се појави вирусот, повеќе од седум илјади болни кинези се регистрирани до 29 јануари. Починале точно 170 пациенти, претежно луѓе со претходни хронични болести. Насекаде во светот е пренесен вирусот за кој епидемиолозите во светот се уште немаат комплетни информации. На европско тло освен во Франција и Германија, носител на вирусот кој може да биде смртоносен има и во Финска. Во Светската здравствена организација имаат зачестени состаноци и на нив е да донесат одлука дали ќе прогласат епидемија на светско ниво.