Дел од кумановците вработени во американските бази се враќаат дома

0
80

Десетици кумановци и натаму се во Воени бази на Блискиот исток. Тие работат како логостичка помош преку неколку различни странски компании, а тамошните последни случувања, кај дел од нив носат надеж за повисоки плати, кај други страв за личната безбедност, објави порталот ММС.

Дел од кумановците веќе се на пат кон татковината, дел сметајќи дека се безбедни ќе останат да работат во базите, а трети пак дојдени за празниците веќе се тука и нивното враќање назад е неизвесно.

Оние со кои контактиравме преку социјалните мрежи велат дека биле во базите кои беа цел на напад на иранските ракети. Сцените ги опишуваат како траорни, иако биле безбедни и сместени во бункери кои се користат за таква цел, откако се огласиле сирените за тревога.

– Во базите каде што сме, војниците се на 500 метри одалеченост од локацијата на цивилите, никој од нас не е повреден, но бевме засолнети во специјалните бункери каде минавме поголем дел од ноќта. Не знаеме што се случуваше горе, но иако добро изолирани и во внатрешноста на засолништето се чувствуваа ударите на ракетите од надвор, раскажува еден кумановец кој плашејќи се за своето работно место не сака да го открие својот идентитет.

Колку точно Македонци има во базите Аин ал Асад и Ербил кои беа цел на нападите, официјално не е познато, но се претпоставува дека ги има повеќе десетици, претежно од Куманово.

Министерството за надворешни работи нема точна евиденција колку македонски граѓани се на печалба во земјите на Блискиот исток, бидејќи договорите ги потпишуваат со странски фирми, претежно КБР, која обезбедува цивилна логистика на Војската на САД. Никој од оние кои се во базите не побарал помошр од МНР.

До нападите дојде откако САД со дрон го убија вториот највлијателен човек во Иран, генералот Касим Сулејмани. Како одмазда, иранската војска лансираше неколку ракети кон воени бази кои САД ги користи во Ирак.

Тензијата засега е смирена и не е на повидок поголемо проширување на конфликтот.