Како се славел Бадник во Старо Куманово

0
79

На тогашната трпеза на Бадник имало повеќе видови на лепчиња кои ги месела домаќинката. Биле во различна форма и големина наменето за одредени членови на семејството, добитокот или за целото домаќинство. Се подготвувале „кравајчиња“ т.н бисаги и куклички. Бисагите биле во вид на осмица за машките деца, додека пак куклите на кои им се правел фустан и им се обликувало лице, биле за женските дечиња. Потоа, имало погача која била наменета за добитокот, како и „вечерњак“, кој се украсувал со вилушка, лепче со паричка, зелник со праз, испечена блага печенка, сарма и посен грав, а за пиење само црвено вино и греана ракија. Исто така се вареле и сливи кои народски биле познати како „воќки“, кои претходно биле берени, сушени и потоа нанижувани на конец, кои биле чувани за Бадниковата трпеза. Се ставале и јаболка, круши, костени, ореви и лешници.

Вечерата се служела на земја во слама или на креденче, а бидејќи тоа било мало, на децата обично им правеле некое мало масиче и така ги спојувавме едно до друго и ја поставувале вечерата на која немало никаква бовча. На вечерата исто така била ставана и свеќа и крстена водичка, а јадењето било сервирано во железни чинии, гравот во грне. Домаќинот заедно со натрупаните дрвја внесувал и гранче бадник, а пред вечерата била кажувана молитва. Потоа заедно со лебот кој бил наменет за добитокот се кружело трипати околу шталата и потоа по малку им се давало на сите животни, а пак гравот не се јадел туку се расипувал во ниви. На оној на кого ќе му се паднела паричката се сметало дека ќе биде најздрав во текот на годината и со тоа ќе се грижи за сите останати во куќата.

„Многу работи правевме порано, денес иако исто така се прават, јас имам чувство дека нешто недостасува, можеби е тоа празничното расположенние при приготвување на трпезата, искрено не знам. Ако мене ме прашате, јас тогаш бев многу посиромашна, денес имам се`, но со сигурност бев посреќна во тоа време. За само половина век се смени се`“, раскажува баба Младенка од село Режановце, која вели дека првите Бадникови вечери ги дочекале во куќа со три мали трошни соби, а во нив живееле осум луѓе.