Корона-вирусот дојде во Европа

0
118

Корона вирусот стигна во Европа. Три случаи на заразени со овој вирус се идентификувани во Франција. Тројцата пациенти претходно биле во Кина, а сега се сместени во изолирани болнички одделенија. Властите во Франција стравуваат дека постојат и други заболени, бидејќи пред да покажат симптоми, периодот на инкубација кај заразените, кога всушност се пренесува болеста, трае од 5 до 7 дена.

Експертите за јавно здравје велат дека најголем проблем е што речиси е невозможно да препознаеме кој е преносител на болеста и многу е тешко да се заштитиме.

“Носењето на маска веројатно е ефективно за некој кој веќе е болен. Тоа до некој степен ќе го блокира пренесувањето на болеста. Но, носењето на маска ако не сте болни, со цел да се заштитите себе си, веројатно не е многу ефективно, но секако не е штетно”, вели д-р Ерик Тонер од Центарот за здравје и безбедност “Џон Хопкинс”.

Болеста, која потекнува од Кина, се пренесува со голема брзина во светот. Веќе се регистрирани случаи во други држави во Азија, како и во Австралија и Америка. Во одредени делови на Кина е прогласена вонредна состојба, каде како безбедносна мерка е укинат јавниот превоз, а во карантин се изолирани над 50 милиони луѓе.

Иако на аеродромите ширум светот се инсталирани термални камери што ја мерат телесната температура на патниците, експертите се сомневаат во нивната ефикасност.