„Моќникот“ Милошоски пак за „кодошите“ – жртвите бараат негова кривична одговорност

0
89

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ на еден месец пред распуштање на парламентот не го испушта од раце моќното собраниско оружје – арсенал од амандмани за блокирање на законите. Таков е случајот и со предлог- законот за ништовност и поништување на правните акти и последици од лустрацијата. Згора на тоа, денеска во матичната Комисија за политички систем не можеше да се обезбеди ниту кворум. На опструкцијата на пратениците од ВМРО-ДПМННЕ се приклучија и тие на ДУИ и на Демократската партија на Турците (ДПТ). Од тие причини седницата ќе биде закажана дополнително. Претседателот, Александар Кирацовски, рече дека се надева дека оние што блокираат имаат сериозни аргументи кои ќе ги споделат со пошироката јавност.

За начинот на кој во минатото беше спроведена лустрацијата слушнавме и во прислушуваните материјали кои пред неколку години ги објави тогашната опозиција, сега власт. Од дел од нив произлезе и предметот на СЈО ,„Моќник“, во кој е обвинет пратеникот Антонио Милошоски. Истрагата на СЈО во еден дел се однесува токму на нарачана лустрација од екс шефот на македонската дипломатија, кој мислел глобално, но делувал локално. Тој директно се јавува кај тогашниот претседател на Комисијата, Томе Аџиев и бара лустрација за кичевскиот судија Драги Билески, еден од оние кои, наводно, на Милошоски и неговиот татко им ги помрсил сметките околу купување на „Задружниот дом“ во село Ижишта за багателна цена. Тие „бомби“ несомнено покажаа дека Лустрациската комисија, меѓудругото, исполнувала желби на пратеници, за тоа кој треба да биде лустриран.