Обвинувања меѓу власта и опозицијата во Грција за неучеството на земјата во Берлинскиот процес за Либија

0
116

Неучеството на Грција на состанокот во недела на Берлинскиот процес за ситуацијата во Либија беше причина за меѓусебни обвинувања меѓу власта и опозицијата за тоа кој е одговорен што земјата не доби покана за да биде дел од разговорите, јави дописничката на МИА од Атина.

Од опозициската СИРИЗА велат дека тоа што Грција не е вклучена во процесот е враќање назад во надворешната политика на земјата и одговорноста ја има владата на Мицотакис.

-Веројатно не е Турција изолирана од меѓународната заедница, туку Грција е отсутна од клучен процес што се однесува и на нејзините суверени права. И ова е тешка одговорност на владата на Мицотакис, соопштуваат од СИРИЗА.

Заменикот министерот и портпарол на грчката Влада Стелиос Пецас, одговарајќи на соопштението на опозициската партија вели дека СИРИЗА е одговорна што земјата е отсутна од Берлинскиот процес.

-Тоа што СИРИЗА се сити бидејќи Грција не е поканета на конференција чии корени потекнуваат од нивното време, не можеме да го разбереме. Нека ја разгледа нејзината одговорност, бидејќи во јуни 2015 година, кога Германија го организираше првиот состанок на високи функционери на П5 + 5, што прерасна во Берлинскиот процес, занемари дури и да ја спомене веројатноста за учеството на Грција. Тогаш, нашата земја беше отсутна, а одговорна беше СИРИЗА, како што беше отсутна и од конференцијата во Абу Даби (2017) и во Париз (2018), вели портпаролот на грчката Влада.