Оптимизам во Скопје за брзо ратификување на Протоколот за членство во НАТО од страна на Шпанија

0
73

По гласањето за формирање на новата влада во Шпанија, во Скопје се оптимисти дека Мадрид наскоро ќе го ратификува Протоколот за членство на Македонија во НАТО и дека процесот ќе биде завршен пред изборите во април. Националниот координатор за НАТО, Дане Талевски истакна дека Шпанија силно го поддржува членството на земјава во Северноатлантската алијанса и дека одложувањето на ратификувањето на Протоколот се случи не заради недостаток на волја, туку заради внатрешната криза во Шпанија.

Според Талевски, денешната посета на шефот на Воениот комитет на НАТО, Стјуарт Пич, докажува дека соработката со НАТО е взаемна и дека неспорен е фактот дека ние ќе станеме 30 – та членка на Алијансата. Претседателот на Собранието, Талат Џaфери, верува дека членството ќе се одвива според редовната постапка, прво ратификување на Протоколот од Шпанија, потоа ратификувањето на Договорот од страна на Скопје. Според Џaфери, нема потреба Договорот за членство да биде ратификуван пред време.

„Сега е многу полесно и појасно постапката за ратификување на протоколот на НАТО. Очекуваме Шпанија да го ратификува во најкус можен рок, а целата постапка кај нас да заврши до 12 февруари. Во овој момент нема потреба од брзање за предвремено ратификување. Предлогот на Владата е во собраниска процедура, но нема индиции дека е важно да се процесира пред време“, рече Џафери.