Пасошите на Камчев пред Апелација

0
72

Одбраната на осомничениот во случајот на СЈО, Империја, бизнисменот Јордан (Орце) Камчев денеска пред Апелациониот суд побараа да му се вратат пасошите на Камчев. Адвокатите во образложението наведоа дека тој веќе неколку пати ја користел претходно издадената времена исправа за патување, што покажува дека нема да бега, а нуди и гаранција од три милиони евра. Апелациониот суд денеска ја разгледува жалбата за укинување на мерката претпазливост и одземање на патна исправа, со предлог хипотека.

Обвинителството пак останува на одлуката дека жалбата на Камчев е неоснована.

Судот, во образложението на одлуката, наведува дека се уште постојат причините поради кои е одземена патната исправа, имајќи ја предвид тежината на делото за кое се терети, двојното државјанство и тоа дека понудената гаранција е помала од имотно-правната корист со која се стекнал.

Одлуката ќе биде соопштена преку првостепениот суд.

На Камчев му се одземени македонскиот и бугарскиот пасош, откако против него беше отворена истрага за перење на пари. Потоа судот му издаваше времени исправи за патување, со кои тој патуваше надвор од земјата.

Истрагата „Империја е отворена на 9 ноември 2018 година каде што осомничени се Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска- Камчева, Христина Камчева- Стојческа и други за злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители како злоупотреба на службена должност измами и перење на пари.

Камчев пак е сведок во предметот „Рекет“ каде што обвинета e поранешната прва специјална обвинителка Катица Јанева за злоупотреба на службена должност со цел олеснување на притворот за Камчев

Извор РСЕ