Погреб на Сулејмани – ќерката се закани со „црн ден за Америка“

0
78

Многу од учесниците на прошталната церемонија низ улиците на Техеран носеа портрети на убиениот генерал Сулејмани, се вееја ирански и црвени знамиња – во Иран црвената боја симболизира „мачеништво“, одекнуваа повиците „Смрт за Америка“ и „Смрт за Израел“. Државната телевизија извести за повеќе милиони присутни луѓе.

Касем Сулејмани беше убиен во петокот во Багдад, заедно со уште други четворица Иранци и еден ирачки милициски водач, во напад со дрон изведен од страна на САД. Генералот, личност со големо политичко влијание на Блискиот Исток, се наоѓаше на чело на бригадите Ал-Кудс, одговорни за странски мисии во рамките на иранската Револуционерна гарда. Пред неговиот ковчег денеска се собра целото иранско раководство. Иранскиот духовен водач Али Хамнеи изрече молитва за убиениот генерал, а неговата ќерка изјави дека маченичката смрт на нејзиниот татко ќе го „вивне отпорот и ќе предизвика Америка и Израел да се стресат од страв“. И други говорници пред насобраната маса народ го величаа генералот како херој, барајќи одмазда за неговото загинување.