Правосудство: Хаос, или креирана перцепција за хаос?

0
94

Јавното обвинителство како ефикасен орган во борба против корупцијата – е темата на која денес во Собранието ќе се одржи јавна расправа. На дебатата се поканети Републичкиот јавен обвинител, претседателот на Советот на обвинители, актуелни обвинители, професори и правни експерти. Дебатата се организира во време кога власта се надева дека ќе обезбеди 80 гласа за усвојување на предлогот на закон за Јавното обвинителство. Но, по вчерашното сведочење на обвинителката Лиле Стефанова во случајот „Рекет“ и серијата реакции што тоа ги предизвика, во јавноста се отвораат дилеми – дали е возможно да се спроведе стручна дебата, без таа да биде засената од актуелни „пикантерии“ кои создаваат слика дека во правосудството владее хаос?

„Не верувам дека каква било дебата или системско решение во моментов може да ги подобри состојбите. Граѓаните не знаат дали тоа што го слушаат е вистинска слика за правосудството, или се работи за креирање на таква слика за други цели. И не е во прашање само сомнеж во кредибилноста на дел од правораздавачите. Некои процеси се излеани надвор од надлежните институции. Документи од истражни постапки кои се тајни осамнуваат во домашни и странски медиуми, протекуваат од надлежните институции на чуден и несанкциониран начин. Процесите потоа да се префрлат ‘на судење’ на улица, по социјални медиуми… Случајно или со намера?”, прашува поранешен судија.