Пратеникот Ејуп Алими од ДУИ се согласува за една изборна единица кога ќе наполни 100 години

0
81

Пратеникот Ејуп Алими од ДУИ нема ништо против една изборна единица, но тогаш кога тој ќе наполни 100 години, објави Телма. Во еден од илјадниците амандмани што ги има поднесено, бара законот да важи од 2080-та година. Во следните два, го омекнува ставот и предлага стапување на сила во 2071-та и 2051-та. Предлагачот Лилјана Поповска вели дека 90 отсто од шесте илјади поднесени амандмани се несериозни.

Алими не сакаше да коментира за амандманите, а претседателот на Собранието не препрати во ДУИ. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак,  велат дека, меѓу нивните амандмани има и технички и суштински, но дека тоа и не е толку интересно.

Во Собранието не постои механизам за да се спречат пратениците да поднесуваат амандмани што немаат врска со реалноста. Се остава на свеста на пратениците, но неа, велат од СДСМ, најчесто ја нема.

Покрај шесте илјади амандмани, поднесени од опозицијата, расправата се закочи и со барањето, да бидат преведени и на албански јазик. Преводот доцни,а  предлагачите обвинуваат дека е  намерно. Денеска побараа законот да се стави на дневен ред во Комисијата за политички систем, но мнозинството одби.  Со законот, помалите партии предлагаат територијата на државата да биде една изборна единица, а избирачките листи да бидат отворени. Велат дека, на тој начин би добиле шанса самостојно да освојат повеќе пратеници, но ако законот не се донесе, повторно ќе бидат принудени да коалицираат предизборно.