Сведок во Титаник 3 од Германија известил дека половина година не може да сведочи во земјава

0
96

„Титаник 3“, каде се обвинети функционерите на ДУИ, Ејуп Алими и Исмет Гури, повторно се одложи. Причина е известувањето кое преку електронска пошта го испратила сведокот Ресмија Блислимова од Германија, со лекарска документација, дека во следната половина година таа нема да може да дојде и да сведочи во земјава за изборните измами кои Алими и Гури ги направиле на локалните избори во 2013 во Чаир. Судот констатираше дека Бислимова е запознаена со обидите таа да сведочи за овој случај со оглед на тоа што има обиди преку неа да се стигне и преку министерството за правда преку официјален пат до германските власти.

Инаку Бислимова беше клучниот сведок на СЈО кој требаше да сведочи и да каже за начинот на кој се одвивале малверзациите во Чаир. Таа пред СЈО, уште во периодот кога „Титаник 3“ беше во истрага, се пожали дека стравува по својата безбедност и безбедноста на своите најблиски, посочувајќи ја моќта која ја имаат Алими и Гури. Во текот на судењето на „Титаник 3“ таа се омажи во Германија и стана недостапна да каже што знае за случајот. Судот очекува дека Бислимова преку видео врска ќе сведочи на 19 февруари, термин до кога Кривичен се надева дека ќе биде воспоставена комуникацијата на државно ниво помеѓу земјава и Германија.