Скопје деновиве е во топ 10 најзагадени градови на светот

0
82

Синоќа, според листата на Ервижуал, интернет страница која го покажува квалитетот на воздухот во светски рамки, Скопје го држеше неславното прво место на најзагаден град. Утрово, со намалувањето на ПМ10 честичките, главниот град падна на осмата позиција. Загадувањето на воздухот, се чини, и годинава ќе биде сериозен проблем во државава.

Откако два дена последователно во главниот град аерозагадувањето високо ги надмина пропишаните вредности, синоќа и градските власти излегоа со стандардните и веќе видени препораки за заштита: повеќе лица да се возат во еден автомобил, да се користи јавниот превоз, да не се излегува на отворено и за греење во домовите да не се користи отпаден материјал. Последиците од загаденоста на амбиенталниот воздух чувствуваат и граѓаните, кои бараат итни и долгорочни мерки.

„Да се преземе нешто итно. Ако затопли времето уште полошо ќе биде. А, магла имало секогаш во Скопје, ама не смрдело вака како сега што смрди. Нешто има што се гори околу градот. Но, ние не знаеме обичните граѓани.“