Дескоска: Имаме квалитетен закон за ЈО, очекувам Собранието да го усвои

Собраниската Комисија за европски прашања денеска ја почна расправата за законите за Јавно обвинителство и за Советот на јавни обвинители.

Предлог-законот за Јавно обвинителство, на чиј текст се поднесени два амандмана, го образложи министерката за правда Рената Дескоска, која рече дека законот создава основи за градење силно, професионално, ефикасно и капацитетно Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Целта, како што рече, беше да се зголемат професионалните стандарди во Јавното обвинителство, но и да се овозможат средства за тоа да си ги врши своите надлежности.

Таа информира дека во овој закон се создадени услови за на некој начин гаранции на Обвинителството за организиран криминал и корупција кое треба да ги гони евентуалните кривични дела на носители на висока власт, но и да ги продолжи делата, предметите кои беа почнати од СЈО. Дескоска рече дека од тие гаранции е неможност јавниот обвинител, кој е државен обвинител да одзема предмети од Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, освен во случаи да има прекршување на законот од ова Јавно обвинителство, значи, како што рече, не по сопствена проценка и не по сопствена волја, туку да има сигурна правна основа за било какви преземања дејствија за преземање надлежности.