Димитров: Новиот закон за надворешни работи ќе го носи следниот собраниски состав, воздржан сум за измените по скратена постапка

Димитров информира дека група пратеници имаат поднесено измени на Предлог-законот за надворешни работи, по скратена постапка, што него, како што рече, му создава нелагодност и воздржаност.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска изјави дека Предлог-законот за надворешни работи со оглед на тоа што Собранието е во функција уште неколку дена во контекст на распуштањето и изборите, најверојатно ќе го чека следниот собраниски состав.

Тоа е еден сериозен закон, прави големи чекори напред. И покрај тоа што имав поддршка од Европската делегација пресековме да не ставаме европско знаменце, да не бараме скратена постапка, бидејќи мислам дека новите решенија во законот треба да поминат низ една голема и суштинска дебата и во Комисијата и во Собранието. Во меѓувреме има предлог од група пратеници за измена на стариот закон само во еден сегмент. Содржината на предлог-измената е на линија на новиот Предлог-закон за надворешни работи. Она што мене ми прави нелагодност е што измената е предложена во скратена постапка и затоа сум, како да кажам воздржан, рече Димитров.