Курти: Српската држава нема што да бара во Косово

Иако никогаш не го поседувала суштински, Србија дефинитвно го загуби Косово во времето на режимот на Слободан Милошевиќ – изјави Курти.

Новиот претседател на Владата на Косово Албин Курти вели дека не може да има договор со Србија доколку ставот на претседателот на таа држава Александар Вучиќ е „и ние треба да добиеме нешто“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во синоќешното интервју за државната телевизија РТК, Курти порача дека таквите ставови на српскиот претседател „не можат да бидат појдовна точка за решавање на проблемите“ меѓу двете држави.