На сличен начин како пред повеќе од две години, кога влезе во лидерскиот кабинет во „белата палата“ на ВМРО-ДПМНЕ, така и сега Христијан Мицкоски влегува во ова клучно предизборие за понатамошниот тек на неговата кариера – со излегување на улица.
Во 2017 година, Мицкоски го замени Никола Груевски на чело на протестите што речиси секојдневно се одржуваа пред Кривичниот суд во Скопје и пред други првосудни институции поради притворањето на инволивираните во крвавите настани на 27 април во Собранието. Тој момент беше и иницијалната каписла за заминувањето на Груевски од кормилото на ВМРО-ДПМНЕ. Синоќа, во предвечерието на првиот тест за новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарни избори, Мицкоски ја предводеше колоната од опозиционери кои протестираа и маршира од зградата на Jавното обвинителство до Судската палата во Скопје, под парола „Заев е виновен“.
Повод за синоќешниот протест беа „новите“ бомби за лидерот на СДСМ што деновиве ги објавува пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, на кого, во периодот 2015-2016 година, му беше посветена една од „бомбите“ што ги објавуваше тогашниот опозиционер Зоран Заев. Така, и Милошоски се најде на списокот на поранешни и сегашни функционери на ВМРО-ДПМНЕ за кои СЈО отвори предмети, иако неговиот случај е од оние за кои беа покренати истраги по 30 јуни 2017 година – рокот за кој, согласно со неодамна донесениот Закон за јавно обвинителство, снимките од прислушуваните разговори нема да може да бидат основа за покренување обвиненија.