„Пандорината кутија” на Боки 13 сепак останува затворена за јавноста

Судијката Васка Николовска Масевска на барање на Обвинителката што го води случајот “Рекет”, Вилма Русковска, сепак ја исклучи јавноста и новинарите нема да ги слушнат снимките од УСБ -то на осудениот Зоран Милевски-Кичеец.

За овие снимки обвинетиот Бојан Јовановски рече дека со нив ќе се отвори „Пандорината кутија”, но изненадувачки, Русковска на почетокот на судењето стана и побара да биде исклучена јавноста.

-Барам да биде исклучена јавноста бидејќи се слушаат имиња на луѓе чиј углед може да биде нарушен, рече Русковска. Обвинетите, Бојан Јовановски и Катица Јанева веднаш станаа и бараа јавноста да остане за да ги слушне снимките.