Спасовски: Ова ќе биде највалканата изборна кампања во историјата на земјата

Смета дека евентуална одлука за почеток на преговорите со ЕУ ќе ги охрабри оние кои почнале да ја губат вербата во европската перспектива и би го дестимулирала евентуалното нивно свртување кон претходниот режим.

Премиерот Оливер Спасовски очекува претстојната изборна кампања да биде една од највалканите во историјата на земјата, со лажни вести и медиумска пропаганда, но смета дека земјата има капацитет да спроведе слободни, фер и легитимни избори.

Спасовски во интервју за ЕУОбсервер не одговара директно дали очекува руско мешање во кампањата и исходот од изборите, туку посочува генерално дека сите земји во Европа и во регионот се соочија со хибридни закани во процесот на нивното пристапување во НАТО и ЕУ.

И за претстојните избори вели дека ќе бидат соочување меѓу проевропските и националистичките сили во земјата.

„Имаме два спротивставени концепта – првиот нуди интеграција во ЕУ и НАТО просперитет, слобода, транспарентност, демократија,… наспроти концептот кој е против сето ова што го набројав, а е поддржан од сегашната опозиција“,

вели Спасовски.