Сузбивањето на корона-вирусот во Европа функционира – досега

0
76

Министрите за здравство од ЕУ во Брисел одржаа кризна средба за сузбивање на корона-вирусот. Не се договорени конкретни мерки, туку поинтензивна размена на информации. Постои загриженост од можни тесни грла во снабдувањето со лекови и заштитна облека, кои се произведуваат во Кина. По седницата, новинарот на Дојче веле, Бернд Ригерт, разговараше со германскиот сојузен министер за здравство, Јенс Шпан.

Дојче веле: Какви дополнителни мерки треба да преземат Европа и Германија за да спречат корона-вирусот да прерасне во светска пандемија?

Јенс Шпан: Најпрво е потребна координирана акција во Европа и во меѓународни рамки. На европско ниво се прават големи напори за постигнување координација. На ниво на Г7 (најважните индустриски држави во светот) извршивме телефонски разговори. Важно е да сме подготвени за вистински да спречиме вирусот, со исклучок на Кина, да премине во други региони и да предизвика толкави последици како во Кина. Мораме да спречиме настанување светска пандемија. Доколку тоа сепак се случи, мора да сме подготвени за пронаоѓање нови терапии и вакцина. Постојано мора да ги споделуваме информациите и сознанијата за корона-вирусот. Секоја недела се дознаваат нови детали за него. Колку е заразен, колку е сериозно заболувањето? Мораме да добиеме на време за да дознаеме повеќе.