Тошковски за прозивките од СДСМ: Мене адвокатурата ми е професија, ним криминалот

Целосно неточни, измислени и манипулативни се тврдењата на Костадин Костадинов и Зоран Заев за мене, вели Панче Тошковски од ВМРО-ДПМНЕ кого лидерот и портпаролот на СДСМ го посочија како адвокат со кого Христијан Мицкоски, како директор на ЕЛЕМ, склучил два едно по друго договори со сличен предмет – за адвокатски и советодавни услуги, во вредност од 25 и 143 илјади евра. Според СДСМ, Мицкоски на таков начин „криминално испумпувал пари од ЕЛЕМ кон луѓе од ВМРО-ДПМНЕ“.

Тошковски во реакцијата вели дека додека нему адвокатурата му е професија, за врвот на СДСМ криминалот е професија од која функционерите се богатат на грбот на чесните граѓани.

„Вистината е дека се работи за склучени потполно два различни договори, по отворена транспарентна постапка и кога почнува вториот договор, се раскинува првиот. Впрочем, тоа е договорот по кој работев како адвокат до пред 6 месеци, длабоко во мандатот кога Заев е премиер. Сигурен сум дека ако имало барем тронка неправилност, тронка нарушување на процедурите, СДСМ со нејзините алатки во правосудството немаше да жали средства да направи прогон и за овој случај, a и нема да ме чуди да направат монтажа како што тоа го прават редовно и често, но залудно“,

вели Тошковски.