Шуклева: Ветерот откорна десетина клима уреди од зградата на МЕПСО

Генералната директорка на АД „Мепсо“, Ева Шуклева информираше дека синоќешниот ветер уништил дел од фасадата на АД „Мепсо“, односно фасадата што се наоѓа во внатрешниот дел на зградата и служи како паркинг-простор во објектот. Откорнати се и десетина клима-уреди.

– Вчерашниот ветер буквално ја соголи административната зграда на „Мепсо“, голем дел од фасадата се најде на земја. При тоа откорнатите парчиња стиропор оштетија неколку возила, откорнати се и десетина клима уреди. Налетот на ветрот за само неколку часа покажа колку небезбеден може да биде проектот „Скопје 2014“ и за животот на луѓето, нагласи Шуклева.

Таа посочи дека има делови кои во секој момент без ветер може да се урнат и истакна дека за проектот насловен „Реконструкција и адаптација на зградата“, кој имал за цел подобрување на енергетската ефикасност, минатата Влада потрошила повеќе од 10 милиони евра.