Адвокат на оштетената: Јакимовски е опасен за околината и притворот не треба да му се укине

0
196

Во Кривичниот суд денеска е одложено судењето на обвинетиот Емил Јакимовски, кој се товари за семејно насилство врз поранешната сопруга и за закани по живот врз новинарката Мери Јордановска. Случајот го води судијката Џанета Бечковиќ која побара вештак психијатар да ја образложи состојбата на обвинетиот. Јакимовски бара да му биде укината мерката притвор за да може да поведе спор за неговиот отказ. Адвокатот на оштетените, Јанаки Митровски смета дека барањето за укинување на мерката притвор за поведување на работен спор, не е причина тој да се брани од слобода.

„Една од причините поради која му е одредена мерка притвор е токму можноста да го повтори делото или да го доврши она за кое се заканувал. Така да апсолутно сметам дека е опасен и за себе и за околината”, вели Јанаки Митровски, адвокат на поранешната сопруга.

Адвокатката на обвинетиот, Иванка Јакимовска е задоволна што судијката побара да биде прегледан од стручни лица.

„За тоа да се изнесуваат некои факти кои се однесуваат за личноста на обвинетиот во овој момент е неблагодарно, меѓутоа постапката се води коректно се во интерес на утврдување на фактичката состојба, правдата и вистината“, изјави Иванка Јакимовска, адвокат на обвинетиот Емил Јакимовски.