Говорот на Трамп: Полувистини и непотребни шоу-елементи

0
71

Поранешната реалити ТВ-ѕвезда Доналд Трамп беше целосно во свој елемент за време на говорот за состојбата на нацијата. Сепак, шоуто не можеше да ги замагли политички сомнителните тврдења, смета Карла Блејкер.

Тоа е еден од најважните телевизиски настапи на годината за американскиот претседател: говор за состојбата на нацијата. Шефот на државата ретко може да му се обрати на својот народ директно. Тој зборува повеќе од еден час – и секој збор се пренесува во живо на ТВ. За Доналд Трамп, кој ништо не љуби повеќе од воодушевена публика, ова е остварување на сонот.

Уште од самиот почеток, тој долго зборуваше за американската економија, која, според него, е во најдобра состојба досега. Стапката на невработеност е помала од кога било и од неговото стапување на должноста бројот на луѓе кои добиваат бонови за храна е намален за седум милиони. Меѓутоа, овие амбициозни наводи треба да бидат третирани со претпазливост. Стапката на невработеност константно паѓа уште од администрацијата на Обама. А активистите посочуваат дека многу од седумте милиони луѓе веќе не земаат бонови за прехранбени производи, бидејќи Трамп ги скрати програмите за помош. Ова не е импресивен успех, туку студена социјална политика.