Дневни „корона-вести“: Нема нови случаи, најден избеганиот пациент, шоферот на комбето „чист“

0
80

50-годишната пациентка со корона вирус која се се лекува на Клиниката за инфективни болести во Скопје, засега останува единствениот случај во земјава. Министерот за здравство Венко Филипче, информираше дека сите сомнителни случаи тестирани последниве два дена се покажале негативни. Жената која се пријавила сама утрово, потоа возачот на комбето и лицето кое избега од изолацијата во штипската болница синоќа, немаат коронавирус.

Филипче додаде дека во карантин остануваат 4 лица, заедно со деветте сопатници на заразената, но досега нема информации за наши граѓани во Италија кои заболеле од корона вирусот. Нагласувајќи дека нема потреба од паника и страв, тој го повтори повикот да бидат откажани сите поголеми собири како што се Струмичкиот и Прилепскиот карневал, а спортските натпревари се препорачува да се играат без публика. Во меѓувреме, Светската здравствена организација го зголеми ризикот од корона вирус од „висок“ на „многу висок“, поради брзината на ширење на заразата ширум светот. Засега има 2.800 мртви и над 83.000 заболени. СЗО, сепак сè уште не прогласува пандемија.