Македонец и тројца Пакистанци обвинети за криумчарење на мигранти – ги удирале со црево и им давале 1 оброк на ден

0
83

По сеопфатна истражна постапка, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд – Скопје поднесе Обвинителен акт против еден македонски државјанин и тројца државјани на Пакистан. На обвинитетите им се става на товар дека како соизвршители сториле кривично дело „Криумчарење на мигранти“ предвидено и казниво по член 418–б став 3 во врска со став 4 и 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Од средината на октомври 2019 година до 01.11.2019 година, во с.Ваксинце, Кумановско-липковски регион, обвинетите, заедно и по предходен договор во куќа сопственост на првообвинетиот, прифатиле и засолниле мигранти по потекло од Индија, Авганистан, Пакистан и други земји од Азија. Со намера да стекнат материјална корист, обвинетите Пакистанци постапувале особено понижувачки и сурово кон мигрантите. Тие спротивно на волјата на жртвите, повеќе денови присилно ги држеле во дел од куќата каде на прозорците залепиле црни кеси, поради што мигрантите го изгубиле чувството за време и не знаеле дали е ден или ноќ. Жртвите добивале еден оброк дневно што не им било доволно и биле физички малтретирани.