Мировната награда на Вестфалија за 2020 година за Заев и Ципрас

0
74

За својата дипломатска умешност во спорот околу името Македонија, бившите премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас се одликувани со Мировната награда на Вестфалија за 2020 година. Меѓународното жири во образложението на наградата истакнува дека двајцата одликувани постигнаа спогодба во деценискиот спор околу името „Македонија“ со „врвна дипломатска вештина“.

Без поранешниот премиер на Северна Македонија, Зоран Заев и екс-грчкиот премиер Алексис Ципрас, „спорот околу името уште долго немаше да има крај и кавгата меѓу соседите и натаму ќе го дестабилизираше целиот балкански регион“, изјави вчера претседателот на Економското здружение на Вестфалија и Липе, Рајнхард Цинкан.

По повеќегодишниот спор, Македонија на 12 февруари во 2019 година се преименува во Република Северна Македонија. Од прогласувањето на независноста на земјата, Грција инсистираше северниот сосед да го промени државното име, поради тоа што стравуваше од територијални претензии кон истоимениот регион во северна Грција.

Младинската награда која се доделува во рамки на Мировната награда на Вестфалија, овојпат оди кај Иницијативата „Пошумување на планетата“. Организацијата врши „беспримерен и конкретен придонес“ за остварување на климатските цели, изјави Цинкан. Иницијативата е основана во 2007 година од тогаш деветгодишниот ученик Феликс Финкбајнер, а во меѓувреме низ цел свет реализираше засадување на околу 13,6 милијарди дрвја.

Признанијата се дотирани со 100.000 евра кои се делат меѓу добитниците. Свеченото доделување на наградите ќе се одржи на 19 септември во градот Минстер. За претходно е планирано одржување на дводневен Минстерски самит на тема „Мир и одржливост“, на кој покрај носителите на признанијата ќе присуствува и Федерика Могерини, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика.

Наградата на Вестфалија за мир се доделува секои две години, почнувајќи од 1998 година. Таа е донирана од Економското здружение на Вестфалија и Липе, унија на повеќе претпријатија. Одликувањето го одржува во живот споменот на Вестфалскиот мир, склучен во 1648 година во Минстер и Оснабрик. Историскиот договор го запечати крајот на Триесетгодишната војна (1618-1648).

Одликувањето им се дава на поединци и институции кои станале пример со својата работа и залагање за мир. Меѓу досегашните добитници на признанието се вбројуваат и поранешниот чешки претседател Вацлав Хавел, поранешните германски канцелари Хелмут Кол и Хелмут Шмит, како и поранешниот генерален секретар на ОН, Кофи Анан.

Извор нова тв