Разрешувањето на Мизрахи го пензионира Пржинскиот модел на влада

0
113

Разрешувањето на министерката за труд и социјала Рашела Мизрахи покажува дека моделот на Пржинска влада не функционира и треба да се размислува за негово укинување. Поранешниот пратеник Насер Зибери и професорката Мирјана Најчевска велат дека тој модел бил резултат на тогашните околности и требало да биде ад-хок решение само за парламентарните избори во 2016 години, но оти тоа не може да биде системско решение.

Моделот на Пржинска влада беше договорен меѓу власта и опозицијата во 2015 година, под покровителство на меѓународната заедница, како модел за излез од тогашната политичка криза. Тој модел предвидува на 100 дена пред изборите да се формира влада со друг премиер од мнозинството во која опозицијата ќе ги добие министерствата за внатрешни работи и за труд и социјала, како и заменици министри за земјоделство, финансии и информатичко општество и администрација.

Поранешниот пратеник Насер Зибери вели дека моделот бил наметнат од тогашните околности, но тоа не може да опстои како системско решение.

„Разрешувањето на Мизрахи од Министерството за труд и социјала само отвора простор секое идно мнозинство да го повторува истото и ќе се покаже дека таа одредба не е применлива. Впрочем, таа одредба беше наменска за тој период, но актуелното парламентарно мнозинство, не знам од кои причини, тоа го сврсти како трајно решение во Законот за влада и во Изборниот законик“, вели Зибери.