СДСМ и БЕСА во предизборна коалиција, Касами носител во ИЕ6, деталите ќе ги заокружат во текот на неделата

0
71

До крајот на неделата се очекува да се официјализира предизборната коалиција меѓу СДСМ на Зоран Заев и Беса на Биљал Касами. Ова за ТВ21 го потврдија извори од партијата кои тврдат дека викендов била одржана средба меѓу двете страни.

„Викендот имало интензивни средби и сите детали се очекува да се завршат во текот на оваа недела. Претседателот Биљал Касами ќе биде носител во изборна единица 6, а во другите изборни зони каде што има Албанци, Движење Беса ќе има сигурни пратенички места.“, велат извори од БЕСА.

Не се очекува дел од оваа коалиција да биде некоја друга албанска партија, велат извори од Беса. Но истите тврдат за ТВ21 дека заминувањето на лидерот на Беса, Биљал Касами во САД се поврзува со очекуваната коалиција, а сето тоа бидејќи промотор на оваа коалиција се САД и тие се гарант.

Од СДСМ не откриваат ништо. Потпретседателот Коста Петров вели дека според неговите сознанија, немало средби меѓу партиски функционери од СДСМ и од Беса.

Вчера, ТВ21 од извори од СДСМ дозна дека во партијата се одржува дебата за лисите и дека потпретседателот Мухамед Зекири инсистира да биде носител во ИЕ 6, каде сака да се соочи со Али Ахмети, меѓутоа како што дознава ТВ21, на СДСМ не и се допаѓа оваа идеја, останувајќи на тоа дека носител во ИЕ 6 треба да биде лидерот на албанската партија со која СДСМ ќе оди во предизборна коалиција. Во таква ситуација, извори од СДСМ велат дека Зекири може да биде трет на листата во ИЕ 2 каде носител се очекува да биде техничкиот премиер Оливер Спасовски.