Снимките на Кичеец денеска во судница, Милошоски утре ќе носи „бомби“ кај Русковска

0
77

Aудиоснимки, кои се наоѓаат на УСБ-то што во обвинителството го предал Зоран Милески-Кичеец, денеска треба да се пуштат во судница на рочиштето за „Рекет“ во присуство на новинарите и останатата јавност.

Во контекст на аферата „Рекет“, екс-пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, пак, најави дека утре ќе ѝ предаде нови снимки на шефицата на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.

„Утре, на моја иницијатива, ќе остварам средба со г-ѓа Вилма Русковска. Целта на закажаната средба е на обвинителката да ѝ го предадам аудио материјалот доставен од укажувач, а на кој се препознава гласот на поранешниот премиер Зоран Заев. Во прилог на овој материјал ќе го доставам и транскриптот од чија содржина произлегува сомнеж за тоа дека господинот Зоран Заев бил во тек со нелегалното финансирање на ‘Меѓународниот сојуз’ на Бојан Јовановски преку рекетирање на стопанственици, како и дека тој лично од позицијата премиер го помагал финансирањето на телевизијата 1ТВ. Се надевам дека овој материјал ќе му биде од корист на обвинителството во покренатото обвинение за овој предмет“,

најавува Милошоски.