Ципрас од Париз побара да се отвори европскиот пат за Северна Македонија

0
74

Кога беше постигнат Договорот од Преспа во 2018, за Северна Македонија „се отклучи“ перспективата за проширување, паралелно давајќи ѝ импулс и на албанската европска перспектива, а придонесе и за нов моментум во развојот на дијалогот меѓу Белград и Приштина. Ако повторно ја изгубиме оваа динамика, ќе биде многу тешко одново да ја вратиме, рече лидерот на СИРИЗА и поранешен премиер на Грција, Алексис Ципрас во неговиот говор за проширувањето на ЕУ, на настан во францускиот Сенат, јави дописничката на МИА од Атина.

Ципрас, паралелно, од Париз побара да се отвори европскиот пат за Скопје и Тирана. Рече дека Унијата „не може да биде силен геополитички фактор на меѓународно ниво, доколку не е кредибилен фактор во нејзиното соседство“.

– Како можеме да поддржиме политичка стабилност и економски развој во Ирак или Авганистан или во Мали, па дури и во Украина, ако не можеме да ги исполниме нашите обврски за поддршка на европските земји кандидати за членство? Како може ЕУ на кредибилен начин да ги поддржи изгледите за решавање на меѓународните спорови, кога не може да поддржи една европска земја како Република Северна Македонија, која придонесе во решавањето на долгогодишно европско прашање?, се запраша Ципрас и додаде дека наспроти тоа, доколку на меѓународната заедница ѝ се покаже дека „европската интеграција на Западен Балкан, исто така, значи обезбедување мир, стабилност и просперитет за регионот“, тоа ќе даде јасна глобална порака за успехот на ЕУ, 20 години по војната во Југославија.

Ципрас истакна дека во 2018, со потпишувањето на Договорот од Преспа, даде нов импулс во европската перспектива на Западен Балкан, по четири години стагнација.